Најновите податоци потврдуваат дека економијата во Македонија се стабилизира и оди напред. Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави на Фејсбук дека граѓаните имаат повеќе работа, а трговската размена е во пораст.
Стапката на невработеност е намалена на 11,5%, што претставува пад од еден процент во однос на истиот квартал минатата година. Во споредба со вториот квартал од 2024 година, Македонија сега има околу 10.000 нови вработени и над 7.000 помалку невработени, што значи илјадници семејства со поголема економска сигурност.
Во делот на надворешната трговија, извозот во јули пораснал за 4,69%, а увозот за 4,35%. Во периодот јануари–јули, извозот е зголемен за 5,41%, а увозот за 4,83%, што ја прави вкупната трговска размена во првите седум месеци поголема за 5,07% во споредба со истиот период минатата година.
Мицкоски потенцира дека овие бројки се резултат на одговорни владини политики и дека, додека опозицијата се надева на неуспех, неговата влада гради подобар стандард за секое семејство. Македонија, според него, оди напред со повеќе работни места, посилен извоз и стабилна економија.