Голем пожар вечерва ја зафати фабриката „Макпрогрес“ во Виница, позната по брендот „Винчини“. Според првичните информации, најмалку четворица пожарникари се повредени додека се обидувале да ја совладаат огнената стихија.
Пожарникари од Штип, Кочани и Свети Николе се најдоа во драматична ситуација откако заглавија во стопениот шеќер од фабриката. Благодарение на заштитната опрема – дел од која е донација од американската амбасада – трагедијата била спречена да има потешки последици.
Неофицијално, дел од повредените се и пожарникарите кои се обидувале да ги извлечат своите колеги од пламенот.

Градоначалникот на Виница веќе побара дополнителна помош од соседните општини за справување со пожарот. Во акцијата се вклучени екипи од Кочани и Македонска Каменица, како и пожарникари од Штип. На терен има и полиција и амбулантни возила.
Ситуацијата е сериозна и битката со пламените јазици сè уште трае.