Шпанската фудбалска јавност е потресена од драматичните вести за здравствената состојба на Хесус де Мигел, напаѓачот на Тенерифе, кој по тежок судир со противничкиот голман доживеал срцево-респираторен застој и завршил на одделот за интензивна нега.
Инцидентот се случил за време на натпреварот од втората шпанска лига меѓу Тенерифе и Андора, кој бил прекинат во судиското продолжение при резултат 2:2.
Страшен судир, фудбалерот останал без свест
Де Мигел тргнал кон висока топка, додека голманот на Андора, Хесус Овоно, истрчал надвор од својот шеснаесетник во обид да интервенира.
Следувал силен судир, по кој напаѓачот паднал на тревникот и ја загубил свеста.
Фудбалерите на двата тима веднаш побарале медицинска помош, а лекарските екипи неколку минути му укажувале помош на повредениот играч.
Судијата Перез Ернандез му покажал црвен картон на голманот на Андора, по што донел одлука натпреварот да биде прекинат.
Доживеал срцев застој, лекарите успеале да го стабилизираат
Според информациите на шпанскиот весник „АС“, Де Мигел по ударот доживеал срцево-респираторен застој.
Медицинските екипи успеале да ја стабилизираат неговата состојба во возилото на итната помош, но фудбалерот и понатаму бил без свест.
Тој итно бил пренесен во Универзитетската болница „Нуестра Сењора де Канделарија“, каде што бил сместен на интензивна нега.
Тенерифе се огласи со официјално соопштение
Од клубот потврдија дека фудбалерот се наоѓа во болница и дека неговата здравствена состојба е стабилна, но сериозна.
„Хесус де Мигел се наоѓа на одделот за интензивна нега. Неговата состојба е стабилна, но и понатаму сериозна. Медицинската служба на клубот е во болницата и ќе ја информира јавноста кога ќе има нови информации“, соопштија од Тенерифе.
Засега нема дополнителни информации за понатамошниот тек на неговото лекување.
Видео:









