ПРВ.мк
Свет

Млад генерал ја презеде украинската војска и воведе големи промени: Русите повеќе не напредуваат како порано

Млад генерал ја презеде украинската војска и воведе големи промени: Русите повеќе не напредуваат како порано

Новиот командант на украинската војска, 43-годишниот Михајло Драпатиј, во првите 100 дена од преземањето на функцијата вовел значајни промени во военото раководство, кои, според воени аналитичари, придонеле за забавување на руското напредување на фронтот.

Како што пренесува „Дојче веле“, Драпатиј е трет командант на украинската војска од почетокот на руската инвазија, а неговото назначување било позитивно прифатено меѓу војниците.

Тој има долгогодишно борбено искуство, стекнато уште од 2014 година, кога започнаа вооружените судири во источна Украина.

Помалку наредби од врвот, поголема самостојност на командантите

Една од најважните промени што ги вовел Драпатиј е новиот начин на командување, со кој поголема одговорност им се пренесува на командантите на пониските нивоа.

За разлика од претходниот модел, кој критичарите го оценуваа како премногу централизиран, новиот пристап овозможува побрзо носење одлуки на терен.

Поранешниот воен известувач, а денес украински војник, Јуриј Бутусов, истакнува дека командантите на корпусите повеќе не мора двапати дневно да доставуваат извештаи до врховниот командант.

Според него, тоа значително го намалува губењето време и овозможува поголема оперативна ефикасност.

Руското напредување забавено во Донбас

Најзабележителните промени, според аналитичарите, се случуваат во Донбас, каде што продолжуваат интензивните борби.

Драпатиј формирал две големи воени групации составени од повеќе корпуси, со цел подобра координација на одбранбените операции.

Руслан Левиев од аналитичката организација „Conflict Intelligence Team“ оценува дека влијанието на новиот командант најјасно се забележува во Доњецката област.

Според неговите процени, руските сили во последните месец и половина речиси и да не постигнале значителен територијален напредок во овој дел од фронтот.

Како една од причините за тоа ги посочува промените во командната структура на украинските единици што ги бранат подрачјата околу Славјанск и Краматорск.

Иако борбите продолжуваат, воените набљудувачи оценуваат дека новиот модел на командување придонесува за подобра организација и координација на украинската одбрана.