Премиерот Христијан Мицкоски денеска преку објава на „Фејсбук“ ја потенцираше економската стабилизација и растот во земјата, кој, според него, е резултат на одговорни владини политики.
„Ја стабилизираме економијата, создаваме услови за економија која оди напред, граѓаните имаат повеќе работа, а трговската размена е во пораст“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека стапката на невработеност е намалена на 11,5 проценти, што претставува пад од еден процент во споредба со истиот квартал лани. Според неговите зборови, ова значи околу 10.000 нови вработени и над 7.000 помалку невработени, што обезбедува поголема сигурност за семејствата.
Мицкоски се осврна и на трговската размена, посочувајќи дека во јули извозот се зголемил за 4,69 проценти, а увозот за 4,35 проценти. Во периодот јануари–јули, извозот е зголемен за 5,41 проценти, увозот за 4,83 проценти, а вкупната трговска размена е поголема за 5,07 проценти во однос на истиот период лани.
„Ова се реални резултати од одговорни политики. Додека опозицијата шири црнила и се надева на неуспех, ние испорачуваме резултати. Македонија оди напред, со повеќе работни места, посилен извоз и стабилна економија. Ова е времето на работа, резултати и развој“, порача премиерот.