ПРВ.мк
Економија

ФЗО бара предлози за решавање на недостигот на лекари во руралните подрачја

ФЗО бара предлози за решавање на недостигот на лекари во руралните подрачја

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ја истакна загриженоста за сериозниот недостиг на матични лекари во руралните подрачја. Од 96 планирани позиции за рурални матични лекари, моментално функционираат само 44, што значи дека недостигаат 52 лекари – помалку од 50% исполнетост на руралните амбуланти.

Генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, апелира до сите заинтересирани, вклучувајќи матични лекари кои веќе работат во рурални подрачја, млади доктори кои би сакале да започнат работа таму, како и здруженија на приватни лекари, да испратат предлози за измени во правилникот и условите за работа. Предлозите може да се испратат до 1 ноември на е-пошта: [email protected].

Сите предлози ќе бидат разгледани од посебна комисија и, ако се во согласност со законската регулатива, ќе се вградат во новиот правилник или ќе послужат како основа за измени на законите.

Клековски истакна дека ФЗО веќе обезбедува посебни дотации за руралните амбуланти, независни од бројот на осигуреници, но проблемите остануваат поради ниската капитација, составот на тимовите и ограничувањата за пренос на амбулантите од еден доктор на друг.

  • „Главниот предизвик е како да се охрабрат младите лекари да започнат работа во руралните подрачја и како да се овозможи непречен генерациски пренос кога постојните лекари ќе одат во пензија“, објасни Клековски.

Тој нагласи дека состојбата со примарната здравствена заштита е критична не само во Македонија, туку и во цела Европа, со продолжени листи за чекање и непокриени области, и дека сега е време за акција за да се обезбеди правична и еднаква здравствена заштита за сите граѓани.

Escape