ПРВ.мк
Економија

Крај на една традиција: Една од најстарите пиварници замина во стечај

Крај на една традиција: Една од најстарите пиварници замина во стечај

Една од најстарите пиварници во Германија, „Хофбраухаус Волтерс“ од Брауншвајг, поднесе барање за стечај по речиси четири века работа, поради падот на продажбата и зголемените трошоци за производство, енергија и логистика.

Компанијата, чии корени датираат од 1627 година, не успеала да се справи со кризата што ја погоди германската пиварска индустрија. Само во текот на 2025 година потрошувачката на пиво во Германија опаднала за 5,8 проценти, а негативниот тренд продолжил и оваа година.

И покрај стечајната постапка, производството нема да биде прекинато. Раководството најави темелна реорганизација со цел компанијата да продолжи со работа, а во иднина поголем фокус ќе стави на регионалниот пазар во Долна Саксонија и проширување на понудата со безалкохолни пијалаци.

Вработените веќе се информирани за состојбата, а нивните плати засега се обезбедени во наредните три месеци преку државниот фонд за исплата на плати.

Кризата сериозно ја погодува германската пиварска индустрија. Според податоците на Германскиот сојуз на пиварници, во последните шест години згаснале дури 137 пиварници, додека и големите производители затвораат погони или ги продаваат своите фабрики.