ПРВ.мк
Економија

Одбројувањето почна: Трговците добија рок за поевтинување на храната

Одбројувањето почна: Трговците добија рок за поевтинување на храната

Трговците добија рок од три дена да достават предлог-листа на производи чии цени ќе ги намалат, во спротивно Владата најавува интервенција во трговските маржи која би траела една година.

Ова е заклучокот од состанокот меѓу претставници на големите синџири маркети, производители на прехранбени производи и владини претставници, предводени од премиерот Христијан Мицкоски.

Според информациите, на состанокот било посочено дека постојат две можности – трговците доброволно да ги намалат цените на одредени производи или Владата да воведе ограничување на маржите во траење од една година.

Овојпат, според информациите, нема да биде дозволено маркетите самостојно да избираат кои производи ќе поевтинат. Намалувањето треба да се однесува на производите што се дел од синдикалната потрошувачка кошничка, односно артиклите што граѓаните секојдневно ги купуваат.

Минатиот пат, кога изборот беше оставен на трговците, беа намалени цените на производи со мала побарувачка, додека дел од основните прехранбени производи поскапеа. Поради тоа, Владата најавува поригорозен пристап.

Премиерот Мицкоски изјави дека целта е инфлацијата да се преполови и да се намали на околу три проценти. Иако дел од трговците изразиле резерви кон предложените мерки, на крајот се согласиле во рок од три дена да достават предлог до Владата, по консултации со дистрибутерите.