Две возила во сопственост на скопскиот адвокат Асмир Алиспахиќ биле опожарени, а причините за инцидентот засега не се познати.
Информацијата ја потврди самиот Алиспахиќ, кој изјави дека нема сознанија кој би можел да стои зад настанот и дека не се сомнева во ниту едно лице.
Тој истакна дека има доверба во институциите и очекува надлежните органи професионално да ја спроведат истрагата и да го откријат сторителот.
„Информацијата е точна. Верувам во институциите и во нивното професионално постапување. Поради истрагата не можам да коментирам повеќе. Со никого немам недоразбирања, не се сомневам во никого, а мотивот и причината ми се непознати“, изјави Алиспахиќ.
Тој е адвокат со долгогодишно искуство и во својата кариера застапувал обвинети во повеќе предмети кои предизвикале голем интерес во јавноста.
За случајот се очекува повеќе информации по завршувањето на истрагата, која треба да ги утврди околностите под кои дошло до опожарувањето на возилата.






