Екстремно високите температури не предизвикуваат само непријатност, туку можат сериозно да ги влошат и постојните здравствени проблеми. Лекарите предупредуваат дека за време на топлотен бран особено внимателни треба да бидат лицата со хронични заболувања.
Најголем ризик имаат луѓето со срцеви заболувања. Високите температури го принудуваат срцето да работи поинтензивно за да го разлади организмот, што може да доведе до забрзан пулс, пад на крвниот притисок и други компликации.
Зголемен е и ризикот од појава на камења во бубрезите. Поради засиленото потење и недоволниот внес на течности, организмот дехидрира, а урината станува поконцентрирана, што создава услови за формирање на камења.
Лицата кои страдаат од гихт исто така треба да бидат претпазливи. Дехидрацијата може да го зголеми нивото на урична киселина во организмот, со што се зголемува веројатноста за појава на болни напади.
Топлото време може да биде проблем и за луѓето кои често имаат мигрена или главоболки. Дехидрацијата, силното сонце и високите температури се меѓу најчестите предизвикувачи на ваквите симптоми.
Лекарите советуваат во текот на жешките денови редовно да се внесуваат течности, да се избегнува директно изложување на сонце во најтоплиот дел од денот и да се престојува во разладени простории. Особено внимание треба да им се посвети на постарите лица, малите деца и хронично болните.








