Просечната месечна нето-плата по вработен во Македонија во април 2026 година изнесувала 48.779 денари, што е за 7,3 проценти повеќе во споредба со истиот месец лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Во истиот период, просечната бруто-плата достигнала 73.366 денари, што претставува годишен раст од 7,4 проценти.
Најголем пораст на платите е забележан во секторот финансиски дејности и осигурување. Во оваа област, нето-платите се зголемиле за 27 проценти, а бруто-платите за 27,5 проценти во однос на април минатата година.
Раст на просечната нето-плата е регистриран и во секторите снабдување со вода, управување со отпад и санација на животната средина, каде зголемувањето изнесува 9,4 проценти, како и во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли, со раст од 9,2 проценти.
Во споредба со март годинава, најголемо месечно зголемување повторно бележи финансискиот сектор, каде нето-платите пораснале за 20,1 процент. Следуваат трговијата со раст од 2,1 процент и административните и помошните услужни дејности со 2 проценти.
Кај бруто-платите, покрај финансискиот сектор со месечен раст од 20,3 проценти, зголемување е регистрирано и во трговијата, административните услуги и јавната управа и одбраната.
Според Државниот завод за статистика, токму финансискиот сектор е главниот двигател на растот на просечните примања во април, со највисоко зголемување и на годишно и на месечно ниво.









