ПРВ.мк
Економија

Речиси 11 милијарди евра во банките – еве колку чуваат граѓаните, а колку фирмите

Речиси 11 милијарди евра во банките – еве колку чуваат граѓаните, а колку фирмите

Граѓаните и компаниите во текот на јуни дополнително ги зголемиле своите заштеди во банките, при што вкупните депозити достигнале 10,98 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Само во текот на јуни депозитите се зголемиле за 224 милиони евра, што претставува месечен раст од 2,1 проценти, додека на годишно ниво растот изнесува 9,9 проценти.

Најголем дел од заштедите ги имаат домаќинствата, чии депозити достигнале 7,4 милијарди евра, што е за 10,5 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Од друга страна, компаниите располагаат со околу 3,1 милијарда евра депозити, со годишен раст од 8 проценти.

Во исто време продолжува да расте и задолженоста. Вкупните кредити во банкарскиот сектор достигнале 9,6 милијарди евра, што е зголемување од 131,9 милиони евра во текот на јуни. На годишно ниво кредитирањето е повисоко за 13,1 проценти.

Граѓаните должат речиси 4,8 милијарди евра, при што најголем дел од задолжувањето се однесува на потрошувачките кредити, чија вредност надминува 2,4 милијарди евра, како и на станбените кредити, кои достигнале околу 1,9 милијарди евра.

И корпоративниот сектор бележи раст на кредитирањето. Компаниите имаат банкарски кредити во вредност од околу 4,8 милијарди евра, што претставува годишен раст од 14,2 проценти.

Според Народната банка, продолжува да расте и паричната маса (М3), која во јуни достигнала 10,6 милијарди евра, што укажува на натамошно зголемување на ликвидноста и депозитната база во банкарскиот систем.