Цените на гасот во Европа остро пораснаа по американскиот напад врз иранските нуклеарни постројки, предизвикувајќи загриженост дека би можел да биде затворен Ормутскиот теснец – клучна точка за светската енергетска трговија.
На холандската берза TTF, мегават-час гас за испорака во јули достигна 42,44 евра – највисоко ниво од април. Подоцна во денот, цените се стабилизираа на околу 41,23 евра, што е речиси идентично со затворањето во петокот.
Највисоката цена за годинава беше забележана на 10 февруари – 56,94 евра по мегават-час.
Причина за потресот на пазарите е нападот на САД врз нуклеарните капацитети на Иран – Фордо, Натанц и Исфахан – што ги вжешти геополитичките тензии и предизвика страв од поголемо нарушување на енергетските токови.