По повеќе од две децении борба, жртва на сексуална злоупотреба од поранешен свештеник во Хрватска доби правосилна судска пресуда и право на парична отштета од Црквата.
Случајот датира од 1997 година, кога жртвата имала 15 години. Според неговото сведочење, тогашниот гвардијан на црквата „Свети Фране“ во Сплит, фра Грацијан Гашперов, го повикал момчето да му помогне околу свеќи. Кога се качил на столче, вели дека сфатил дека свеќи воопшто нема, по што започнала сексуалната злоупотреба.
За емисијата „Провјерено“, жртвата раскажала дека се обидувала да се ослободи, но свештеникот физички ја спречувал.
Следувале години во кои, според неговото сведоштво, минувал низ тешка траума, чувство на беспомошност и обиди да добие помош и признание за она што му се случило. Тој вели дека во еден период имал и самоубиствени мисли.
Сега, повеќе од 20 години подоцна, граѓанската постапка завршила со правосилна пресуда и доделување парична отштета. Според „Провјерено“, станува збор за прва позната правосилна пресуда од ваков вид во Хрватска.
Жртвата вели дека пресудата за него има многу поголемо значење од финансиската отштета, бидејќи ја доживува како конечно признавање на она што го тврдел со години.
Кривична постапка по службена должност не била поведена поради застареност, па тој правдата ја барал преку граѓанска тужба.
Во меѓувреме бил спроведен и црковен судски процес. Според објавените информации, фра Грацијан Гашперов со одлука на папата Франциск бил разрешен и отпуштен од фрањевскиот ред, со забрана за понатамошно црковно дејствување.
Случајот со години бил следен од хрватската емисија „Провјерено“, а сега доби судска завршница со правосилна пресуда и досудена отштета за жртвата.










