Употребата на лекови од групата GLP-1 за третман на дебелина кај деца под 12 години во САД бележи огромен раст, покажува ново истражување спроведено врз податоци за милиони малолетни пациенти.
Студијата опфатила повеќе од 3,5 милиони деца со дебелина, без дијабетес, на возраст од осум до 11 години. Според резултатите, уделот на деца на кои им биле препишани GLP-1 лекови се зголемил од 0,03 проценти во 2019 година на 9,3 проценти до јуни 2026 година.
Во анализираниот период ваква терапија добиле вкупно 20.282 деца. Најчесто бил препишуван „Wegovy“, а биле користени и „Saxenda“ и „Zepbound“.
Иако овие лекови генерално не се одобрени за третман на дебелина кај деца помлади од 12 години, во одредени случаи лекарите ги препишуваат надвор од официјално одобрената индикација. Според студијата, 94 проценти од децата што добиле ваква терапија имале тешка дебелина, а околу 65 проценти имале најмалку уште една здравствена состојба поврзана со неа, како висок холестерол, висок крвен притисок или апнеја при спиење.
Истражувачите нагласуваат дека, и покрај големиот процентуален раст, вкупниот број деца под 12 години кои примаат GLP-1 терапија и понатаму е релативно мал.
Водачот на истражувањето, д-р Бабак Оранди од NYU Langone Health, посочува дека брзото ширење на употребата бара внимателно и долгорочно следење за да се утврдат безбедноста и ефикасноста на овие терапии кај најмладите пациенти.
Студијата укажала и на нееднаквост во пристапот до терапијата. Децата од побогатите средини имале 55 проценти поголема веројатност да добијат рецепт за GLP-1 лек.
Истражувањето е објавено во списанието „Pediatrics“, а анализата е направена со податоци од американската база на електронски здравствени картони „Epic Cosmos“.








