ПРВ.мк
Свет

Шпионска афера ја тресе Европа: Дронови со експлозив во Лајпциг, трагата води кон Србија

Шпионска афера ја тресе Европа: Дронови со експлозив во Лајпциг, трагата води кон Србија

Случај со дронови, експлозив и лица осомничени за саботажни активности отвори нова безбедносна приказна што ги поврзува Германија, Србија и наводни активности на руските разузнавачки структури во Европа.

Во центарот на германската истрага е инцидентот на аеродромот во Лајпциг, каде на почетокот на август бил пронајден дрон во близина на украински транспортен авион „Антонов“. Во близина била откриена и конзерва со пластичен експлозив.

Според германските медиуми и сознанијата од истрагата, постои сомнение дека дронот требало да удри во резервоарот на авионот и да предизвика експлозија, но направата не функционирала како што било планирано. Десетина дена подоцна бил пронајден уште еден сличен дрон на неколку километри од аеродромот.

Германските истражители идентификувале најмалку двајца осомничени, а еден од нив, според медиумските информации, по престојот во Германија заминал во Србија. Токму тука истрагата добива нова димензија.

Посебно внимание привлекуваат Данило Б. и Слободан Ѓ., кои од 11 јуни се во притвор во Србија. Тие биле запрени во одделни автомобили при обид да ја преминат границата кон Унгарија. Кај едниот биле пронајдени компоненти за дрон, а кај другиот експлозивни материи.

Српските органи водат истрага за недозволено поседување оружје, муниција и експлозивни материи, додека Данило Б. се сомничи и за фалсификување исправи. Засега против нив нема официјално обвинение за тероризам или за планирање напад во Германија.

Германските служби, сепак, се заинтересирани за информациите со кои би можеле да располагаат, поради сомневањата дека случајот може да биде поврзан со поширока мрежа на таканаречени „еднократни агенти“.

Станува збор за лица кои, според западните безбедносни служби, се регрутираат за пари за извршување конкретни задачи – од вандализам и ширење пропаганда до саботажи. Москва повеќепати ги отфрла ваквите обвинувања како неосновани и политички мотивирани.

Дополнителна врска е случајот кај Кањижа, каде во април биле откриени два ранци со експлозив во близина на гасовод кај српско-унгарската граница. Вишото јавно обвинителство во Суботица во меѓувреме ја проширило истрагата на уште четири лица, но поради тајноста на постапката не ги коментира германските наводи.

Германија во последниот период сè почесто предупредува на таканаречени хибридни напади – кибернапади, дезинформациски операции, саботажи и сомнителни летови на дронови. Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека одговорните за ваквите активности „ќе платат“, додека од германскиот државен врв Русија беше посочувана како главен осомничен за дел од операциите.

Русија категорично ги отфрла обвинувањата. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги оцени тврдењата за вмешаност на Москва во случајот во Лајпциг како измислени провокации.

Истрагите во Германија и Србија продолжуваат, а засега не е судски утврдено дека приведените лица дејствувале по наредба на руските служби или дека случаите во Лајпциг и Србија се дел од иста организирана операција.