Телото на поранешниот командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, е пренесено од Хаг во Белград, каде на Военомедицинската академија ќе биде извршена обдукција на барање на неговото семејство.
Ковчегот бил покриен со знамињата на Србија и Република Српска, а во авионот со кој биле пренесени посмртните останки биле неговиот син Дарко Младиќ, внуката Анастасија, српскиот министер за правда Ненад Вујиќ и двајца негови поранешни воени соборци.
По слетувањето на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, ковчегот бил пренесен во ВМА.
Заменик-началникот на ВМА, полковник Иван Лековиќ, изјавил дека посмртните останки се донесени во оваа институција на барање на семејството и врз основа на допис од министерот за правда, по што ќе биде извршена обдукција.
Според објавените информации, летот со кој телото било транспортирано од Хаг привлекол огромно внимание на сервисот „Flightradar24“ и во еден момент бил најследениот лет на платформата.
Комеморацијата за Младиќ е закажана за сабота, 5 септември, во Домот на Војската во Белград, додека погребот треба да се одржи во понеделник, 7 септември, на Топчидерските гробишта.
Телото во понеделник ќе биде изложено во црквата „Свети Лука“ на Видиковац од 9 до 12:30 часот. Опелото е најавено за 12:35 часот, по што погребната поворка ќе се упати кон гробиштата.
Ратко Младиќ беше правосилно осуден на доживотен затвор од Хашкиот трибунал за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.









