ПРВ.мк
Балкан

Косовското обвинителство отвори голем случај за Преказ: Обвинети 35 поранешни српски полицајци

Косовското обвинителство отвори голем случај за Преказ: Обвинети 35 поранешни српски полицајци

Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение против 35 поранешни припадници на командните структури на српската полиција, кои се товарат за воени злосторства поврзани со полициската операција во Преказ во март 1998 година.

Обвинението се однесува на убиствата на цивили во населбата и семејниот комплекс на Јашари, а не конкретно на убиството на Адем Јашари, кој бил командант на ОВК и учествувал во вооружениот судир.

Според косовското обвинителство, обвинетите на различни начини учествувале во планирањето, координацијата или раководењето со операцијата што се одвивала од 5 до 7 март 1998 година.

Во комплексот во тоа време се наоѓале Адем Јашари и други вооружени припадници на ОВК, но и членови на неговото пошироко семејство, меѓу кои жени, деца и повозрасни лица. Во тридневната операција загинале 58 лица, меѓу кои и десет деца.

Во извештаи на организации за човекови права подоцна беше наведено дека српските сили при операцијата користеле тешко оружје и оклопни возила.

Комплексот на Јашари бил цел на српската полиција и претходно, во јануари 1998 година. Адем Јашари и други вооружени припадници на ОВК останале во семејниот комплекс и пружале вооружен отпор, додека таму се наоѓале и цивилни членови на семејството.

Со новото обвинение, косовското обвинителство тврди дека постои индивидуална кривична одговорност на 35 лица за воени злосторства врз цивилното население. Станува збор за обвиненија за кои допрва треба да се води судска постапка.

Адем Јашари по војната стана една од централните фигури во косовскиот национален наратив и во Косово се смета за еден од основачите и симболите на ОВК. Неговото име денес го носат бројни улици, училишта и јавни објекти, како и меѓународниот аеродром во Приштина.