Истрагата за двете разбојништва во скопските населби Хром и Ѓорче Петров, кои завршија со две убиства, продолжува со сослушување сведоци и детална анализа на собраните докази, информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО).
Обдукцијата на телата на двете жртви во Институтот за судска медицина е завршена, но во тек се дополнителни анализи. Откако ќе бидат готови, наодот ќе биде доставен до Обвинителството, изјави за „Вечер“ доктор Александар Станков.
Според информации од правосудните органи, четворицата осомничени за случаите се од ромска националност и потекнуваат од скопското село Волково.
Еден од главните правци на истрагата е утврдувањето дали осомничените имале однапред поделени улоги при извршувањето на разбојништвата. Истражителите ги реконструираат настаните за да утврдат како се одвивале нападите и какво било учеството на секој од осомничените.
Паралелно се проверуваат и предметите што биле одземени од домовите на двете жртви. Со тоа треба да се разјаснат сите околности поврзани со разбојништвата, како и евентуалната поврзаност на осомничените со одземените предмети.
Во меѓувреме, надлежните продолжуваат со сослушување на други сведоци и со анализа на доказите собрани досега. Овие активности треба да помогнат во целосното расчистување на двата случаи и во утврдувањето на индивидуалната одговорност на секој од четворицата осомничени.
Првиот краткотраен притвор во траење од 48 часа истекува утре попладне. Доколку оцени дека се исполнети законските услови, Обвинителството има можност повторно да побара определување краткотраен притвор за осомничените, додека истрагата продолжува.
Четворицата беа уапсени по смртта на двајцата повозрасни жители, кои живееле сами. Истрагата треба да ги утврди сите околности под кои се случиле двата настана и улогата на секој од осомничените.







