ПРВ.мк
Црна Хроника

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: „Ќе умрам, ве молам, не можам да дишам“ – 37-годишник починал по полициска интервенција

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: „Ќе умрам, ве молам, не можам да дишам“ – 37-годишник починал по полициска интервенција

Вознемирувачка снимка од полициска интервенција во центарот на Љубљана, стара речиси две години, сега е објавена во јавноста. Случајот се однесува на 37-годишниот Армин Џутовиќ, кој по интервенцијата ја изгубил свеста, а три дена подоцна починал во болница.

На снимката од полициска камера, објавена од словенечкиот портал 24УР, се гледа како полицајците го соборуваат Џутовиќ на земја, а еден од нив го држи во пределот на вратот повеќе од една минута.

„Ќе умрам, ве молам, не можам да дишам“, се слуша како вели 37-годишникот за време на интервенцијата.

Откако му биле ставени лисици, тој неколку минути лежел неподвижен на стомакот. Според обвинението, иако околу него имало повеќе полицајци, првата помош не била веднаш започната. Објавената снимка прикажува само дел од целата интервенција.

Инцидентот се случил на 8 декември 2024 година, откако полицијата добила пријава за маж кој фрлал и оштетувал столови на тераса од ресторан. Според полициските информации, Џутовиќ потоа удрил холандски државјанин, а при полициската интервенција се спротивставувал и се обидел да избега.

Обвинителството го товари полицаецот Јан Довник дека го фатил Џутовиќ одзади со зафат околу вратот и продолжил со притисокот и откако тој ја изгубил свеста. Довник е обвинет за небрежно предизвикување смрт.

Џутовиќ доживеал срцев застој и тешко оштетување на мозокот поради недостиг на кислород. Бил пренесен во болница, каде што починал на 11 декември 2024 година.

Уште петмина полицајци се обвинети за непружање помош. Според обвинителството, тие не провериле навреме дали Џутовиќ дише, а реанимацијата започнала четири минути по срцевиот застој.

Надзорот на директоратот при словенечкото Министерство за внатрешни работи претходно утврдил неправилности во постапувањето, вклучително и непропорционална примена на сила и ненавремено пружање прва помош.

Видео: