Цените на горивата во Западна Европа продолжуваат да растат, а дизелот во повеќе земји веќе достигнува историски рекордни нивоа. Во Австрија цената надмина 2,30 евра за литар, додека експертите предупредуваат дека во наредниот период не може да се исклучи ниту сценарио во кое еден литар би чинел три евра.
Јирген Рот, претседател на Здружението на трговци со енергенси при Стопанската комора на Австрија, за ОРФ изјави дека до неодамна не верувал дека дизелот може да стигне до три евра за литар. Сепак, според него, актуелните движења на пазарот се такви што оваа можност повеќе не може целосно да се исклучи.
Дополнителен притисок врз цените би можеле да создадат и најавените владини мерки за следната година, кои предвидуваат нови даночни оптоварувања.
Трговците со гориво, пак, ги отфрлаат тврдењата дека високите цени им носат огромен дополнителен профит. Тие посочуваат дека нивната маржа по литар останува само неколку центи, без разлика дали горивото се продава по 1,50 или по 2,30 евра.
Според економистот Јерн Клајнерт, најголема корист од актуелната енергетска криза имаат производителите на сурова нафта и преработувачите. Поради тоа, во Европа повторно се отвора прашањето за воведување данок на екстрапрофит, при што собраните средства би можеле да се искористат за финансиска поддршка на граѓаните.
Слична е ситуацијата и во Германија. Според германскиот авто-мото клуб АДАЦ, дизелот достигнал цена од 2,45 евра за литар, додека бензинот се искачил над 2,31 евра.
Поскапувањето се поврзува со геополитичките тензии и воените конфликти кои влијаат врз глобалните енергетски пазари. Од почетокот на кризата, според наведените податоци, дизелот поскапел за речиси 71 цент по литар, а бензинот за околу 54 центи.







