Големи шумски пожари продолжуваат да беснеат во јужна Турција, каде стотици пожарникари и спасувачки екипи веќе со денови се борат со огнената стихија.
Најтешка останува состојбата во делови од провинциите Анталија и Адана, додека пожарот во Мерсин е во голема мера ставен под контрола.
Огнот во областа Аксу во Анталија избувнал во понеделникот, а поради силниот ветер брзо се проширил кон соседниот Кепез.
Пламените јазици се доближиле до населени места, поради што стотици жители биле евакуирани од своите домови. Во одреден период повеќе од 2.000 домаќинства останале и без електрична енергија.
Во борбата со пожарите се ангажирани повеќе од 1.000 луѓе, три противпожарни авиони, девет хеликоптери и околу 169 противпожарни возила.
Трагично завршила и интервенцијата на доброволецот Хасан Кахја, кој им помагал на службите во Анталија.
Според локалните власти, тој бил изложен на густ чад, по што доживеал срцев удар. Подоцна починал во болница.
Во пожарот во Анталија уште две лица биле хоспитализирани со изгореници, додека шестмина добиле медицинска помош поради вдишување чад.
Размерите на пожарот се видливи и од вселената. Сателитските снимки од NASA Worldview покажуваат густ облак од чад кој од областа Аксу се проширил над поширокото подрачје на Анталија.
Во Адана, пак, пожарникарите продолжуваат да се борат со огнот во областа Козан, каде пожарот се проширил кон соседни населени места.
Причината за избувнувањето на пожарите засега не е утврдена.
Силниот ветер дополнително ја отежнува работата на екипите и го зголемува ризикот огнот повторно да се разгори во областите каде неговиот интензитет е намален.
Видео:









