ПРВ.мк
Црна Хроника

Трагедија го потресе регионот: Ненадејно почина познатиот пејач

Трагедија го потресе регионот: Ненадејно почина познатиот пејач

Грчката музичка сцена е во шок по ненадејната смрт на еден од нејзините најпознати пејачи – Јоргос Мазонакис, кој почина денеска на 54-годишна возраст.

Популарниот пејач итно бил пренесен во болницата „Елпис“ во Атина. Според официјалното соопштение од болницата, Мазонакис бил донесен со возило на итната медицинска помош без пулс и без спонтано дишење.

Лекарите веднаш започнале кардиопулмонална реанимација, но и покрај напорите не успеале да го вратат во живот. Неговата смрт официјално била констатирана во 17:40 часот.

Грчкиот јавен сервис ЕРТ објави дека пејачот доживеал срцев застој. Според нивните информации, околу еден час претходно Мазонакис посетил приватен кардиолог, кој утврдил сериозен проблем со неговото срце и веднаш повикал брза помош.

Мазонакис беше едно од најпрепознатливите имиња на современата грчка музичка сцена. Роден е на 4 март 1972 година, а професионалната кариера ја започна во раните 1990-ти. Неговиот специфичен глас, сценски настап и бројните хитови го направија исклучително популарен не само во Грција, туку и меѓу грчката дијаспора ширум светот.

Во текот на повеќе од три децении на сцената објави голем број албуми и настапуваше во Грција, Кипар, Германија, Австралија и САД.

Особено трагичен е фактот што за само 11 дена, на 20 септември, Мазонакис требаше да одржи голем концерт во „Технополис“ во Атина под наслов „33 години од А до Ш“, со кој требаше да одбележи 33 години музичка кариера.

Неговата последна објава на социјалните мрежи била поврзана токму со претстојниот јубилеен концерт.

Веста за неговата ненадејна смрт предизвика шок и тага во Грција, каде Мазонакис со децении важеше за еден од најголемите и најпрепознатливи пејачи на популарната музичка сцена.