ПРВ.мк
Црна Хроника

Училиштата сè почесто стануваат мета: ОН објави шокантни бројки за последните две години

Училиштата сè почесто стануваат мета: ОН објави шокантни бројки за последните две години

Повеќе од 8.500 напади врз училишта, ученици и наставници биле регистрирани ширум светот во последните две години, соопштија Обединетите нации по повод Меѓународниот ден за заштита на образованието од напади, кој се одбележува на 9 септември.

Според најновите податоци, во последните две години биле регистрирани 8.566 напади врз образовни институции, ученици и наставници, што претставува значително зголемување во споредба со околу 6.000 напади во текот на 2022 и 2023 година.

Особено загрижувачки е растот на нападите врз училиштата.

Во текот на 2025 година Обединетите нации потврдиле 1.680 напади врз училишта, што е за 33 проценти повеќе во споредба со 1.265 напади регистрирани во 2024 година.

Последиците од вооружените конфликти и другите кризи врз образованието се огромни.

Според УНЕСКО, образованието на околу 258 милиони деца и адолесценти ширум светот е нарушено поради кризи, додека околу 93 милиони од нив воопшто не посетуваат училиште.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека остварувањето на правото на образование станува сè поопасно за децата во конфликтните подрачја.

Тој ги повика сите страни во вооружените конфликти да ги запрат нападите врз училиштата и другите образовни установи, да го почитуваат меѓународното право и сторителите да бидат повикани на одговорност.

Гутереш истовремено ги повика државите повеќе да инвестираат во образованието и целосно да ја поддржат и спроведуваат Декларацијата за безбедни училишта.

Годинешното одбележување се одржува под мотото „Може ли образованието да ги преживее нападите? Отпорност на човечките заедници“, со цел да се привлече внимание кон сè поголемата опасност со која се соочуваат учениците и наставниците во воените и кризните подрачја.

Меѓународниот ден за заштита на образованието од напади беше воспоставен од Генералното собрание на ОН во 2020 година, а 9 септември секоја година се одбележува со активности координирани од УНЕСКО и УНИЦЕФ.