Бројот на деца жртви е зголемен за 118 отсто, додека детските прекршоци бележат раст од 54 отсто, покажува извештајот за 2025 година на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за децата. Податоците отвораат сериозни прашања за причините за ваквите појави и за мерките што треба да се преземат за да се спречи насилството меѓу децата.
Од Советот посочуваат дека меѓу децата кои вршат насилство има поголем број девојчиња. Како дел од причините за ваквата состојба ги издвојуваат нарушените семејни односи и губењето на родителскиот авторитет.
Според нив, неопходно е родителите да бидат повеќе вклучени во животот на децата, а стручните служби во училиштата да реагираат навреме за да ги препознаат проблемите и да спречат нивно продлабочување.
Претседателката на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, Гордана Лажетиќ, предупредува дека снимањето насилни настани со телефон, наместо обид да се спречат или да се пријават, претставува вид премолчено одобрување.
„Она тивкото одобрување на она што се случува, како на пример снимање на настан наместо спречување и пријавување, е нешто што не го оправдуваме. Сметаме дека треба да работат и стручните служби во училиштата и со децата и со родителите“, вели Лажетиќ.
Како една од мерките за подобра превенција, Советот предлага формирање општински совети во кои ќе бидат вклучени претставници од образованието, здравството и судството. Целта е проблемите да се препознаваат и да се решаваат на локално ниво, преку соработка меѓу институциите што имаат улога во заштитата на децата.
Лажетиќ информира дека веќе започнало формирањето вакви совети во скопските општини Ѓорче Петров, Кисела Вода и Чаир, каде што претходно биле регистрирани случаи на меѓуврсничко насилство.
„Веќе почнаа да се формираат општински совети во Ѓорче Петров, Кисела Вода и Чаир, онаму каде што имаше случаи на меѓуврсничко насилство. Со тоа сакаме малку и град. Кога на локално ниво ќе ги идентификуваме, ќе сфатиме дека сме различни и тогаш ќе може да помогнат општинските совети“, додава Лажетиќ.
Во изминатиот период беа регистрирани повеќе случаи на насилство меѓу врсници, од кои дел завршија со тешки повреди. Најтрагичниот случај се случи во скопската општина Чаир, каде што почина 13-годишно момче, кое било избодено со нож за време на тепачка.
Растот на бројот на деца жртви и детските прекршоци, заедно со повторувањето на случаите на врсничко насилство, ја нагласува потребата од навремена реакција на родителите, училиштата и надлежните институции, како и од поголема соработка во спречувањето на ваквите настани.







