Триесет и тригодишен жител на тетовското село Доброште бил приведен откако полицијата го затекнала како управува автомобил под дејство на алкохол и се движи во спротивна насока на патот Гостивар–Тетово.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 28 октомври полицијата добила пријава за автомобил „шкода“ со тетовски регистарски ознаки кој се движел во спротивен правец. Полициските службеници реагирале и го запреле возилото на наплатната станица Тетово.
При контролата било утврдено дека возачот Б.О. (33) имал 2,06 промили алкохол во крвта, по што бил лишен од слобода.
Покрај возачот, полицијата ги привела и неговите сопатници – А.Ј. (27) од селото Нераште и Н.А. (38) од Доброште. Според МВР, тие биле лишени од слобода поради агресивно и дрско однесување кон полициските службеници кои преземале службени дејствија на местото на настанот.
Тројцата биле задржани во полициска станица. Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.







