ПРВ.мк
Македонија

СПАСЕН ИЗМАЧЕНИОТ КОЊ ВО КАВАДАРЦИ: Брза реакција на граѓаните и институциите го спаси животното од малтретирање!

СПАСЕН ИЗМАЧЕНИОТ КОЊ ВО КАВАДАРЦИ: Брза реакција на граѓаните и институциите го спаси животното од малтретирање!

Случајот со измачениот коњ кој се струполи на улица во Кавадарци ја вознемири јавноста, но и ја потврди потребата од поголема одговорност, хуманост и доследна заштита на животните. Страдањето на беспомошното животно, кое било изложено на нехуман третман, за среќа заврши со среќен исход благодарение на навремената реакција и емпатијата на граѓаните и надлежните служби.

На местото на настанот веднаш помогнала хумана сограѓанка која го ослободила коњот од каишите и железните конструкции, обезбедувајќи му храна и вода. По пријавата, на терен брзо интервенирале припадниците на МВР – ПС Кавадарци, како и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), под чија надлежност е заштитата и благосостојбата на животните.

Животното е одземено од сопствениците

Благодарение на задедничката акција, коњот е одземен од досегашните сопственици и е соодветно згрижен, со што е спречено негово натамошно малтретирање.

Општина Кавадарци упати благодарност до АХВ, полицијата, активистите за заштита на животните и сите сограѓани кои помогнаа во овој случај, упатувајќи и апел до јавноста:

„Не премолчувајте и не останувајте рамнодушни кога сте сведоци на насилство или неодговорно постапување кон животните. Пријавете го секој ваков случај веднаш во полиција за надлежните институции навремено да постапат.“

Од општината порачуваат дека заштитата на животните не завршува со еден изолиран случај и дека борбата против несовесното постапување мора да продолжи преку подигнување на јавната свест и доследно спроведување на законите.