ПРВ.мк
Црна Хроника

ОЧИЛА И СКАПОЦЕН ЧАСОВНИК ЗА ДОЈАВИ ЗА КОНТРОЛИ: Нови обвиненија за трагедијата во „Пулс“ во Кочани!

ОЧИЛА И СКАПОЦЕН ЧАСОВНИК ЗА ДОЈАВИ ЗА КОНТРОЛИ: Нови обвиненија за трагедијата во „Пулс“ во Кочани!

По речиси едногодишна истрага, Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против уште шест лица поради сомневања за поткуп, злоупотреба на службената положба, оддавање службена тајна и фалсификување службени документи. Случајот се однесува на даночните контроли во дискотеката „Пулс“ во Кочани и во други поврзани компании.

Според обвинителството, даночни контролори добивале подароци во вид на очила и рачен часовник, а за возврат наводно откривале информации за претстојни ненајавени контроли во фирми поврзани со лицето осомничено за давање поткуп.

Обвинителниот акт опфаќа двајца даночни контролори, при што едниот е обвинет за две дејствија од овој вид, како и трето лице за кое се тврди дека го дало поткупот. Според наводите на обвинителството, контролорите побарале и примиле очила и рачен часовник за да го информираат третото лице за ненајавени вонредни контроли во компаниите во кои тоа имало одговорна функција.

Од Обвинителството објаснуваат дека, иако знаеле дека законот им забранува да откриваат информации до кои дошле во текот на даночна постапка, еден од обвинетите сепак преку пораки на „Вибер“ го информирал третото лице за активностите на Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи поврзани со фирмите. Поради тоа, тој е обвинет и за продолжено кривично дело – оддавање службена тајна, предвидено во член 360 од Кривичниот законик.

Двајцата даночни контролори се товарат и за злоупотреба на службената положба и овластување, согласно член 353 од Кривичниот законик. Според обвинението, при контрола спроведена на 6 март 2024 година во правен субјект во кој третото обвинето лице било одговорно, биле утврдени даночни неправилности и нерегистриран промет. Сепак, откриените незаконитости не биле внесени во записникот од контролата.

Обвинителството наведува дека со ваквото постапување на буџетот му била нанесена штета од 98.400 денари, сума што требало да биде наплатена како глоба, но останала кај прекршителот.

Дополнително, вториот обвинет се товари за фалсификување службена исправа, кривично дело предвидено во член 361 од Кривичниот законик. Според обвинителството, тој го фалсификувал службениот извештај од извршената контрола со цел да ги прикрие незаконитостите што биле утврдени.

Обвинителен предлог е поднесен и против уште четворица даночни контролори и инспектори, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување. Еден од нив е обвинет и за фалсификување исправа.

Во рамките на истрагата е опфатена и вработена во Државниот пазарен инспекторат, за која обвинителството тврди дека оддавала службена тајна со откривање информации за времето кога требало да се спроведат акциски контроли.

Според обвинителството, обвинетите контролори и инспектори од Управата за јавни приходи вршеле даночни контроли во компании чиј реален сопственик бил шестиот обвинет, татко на лицето претходно обвинето за давање поткуп. При контролите, наводно, утврдените неправилности не биле евидентирани, а биле фалсификувани и извештаи за извршениот надзор. Како последица на тоа, на компаниите не им биле наплатувани глобите предвидени со закон.

Обвинителството наведува дека во дејствијата поврзани со злоупотребата учествувал и самиот реален сопственик на фирмите, кој е шестообвинет во предметот.

Во постапката за злоупотреба на службената положба првично биле опфатени уште четири лица. За две од нив постапката е запрена поради застареност, додека за останатите две било утврдено дека не презеле дејствија со кои би го сториле ова кривично дело или друго дело за кое се гони по службена должност.

Претходно, телевизијата ТВ 24 објави дека значаен дел од доказите на обвинителството се засноваат на обемна преписка преку „Вибер“ меѓу инспекторот Драган Паунов и Михајло Јованов, синот на сопственикот на дискотеката „Пулс“. Преписката протече во јавноста, а содржината на пораките, според објавените информации, укажувала на можна шема за тргување со влијание.

Во комуникацијата биле пронајдени и фотографии од скап рачен часовник, кој наводно требало да му биде подарен на инспекторот Паунов.

Случајот привлече дополнително внимание и поради фактот што Драган Паунов е брат на претседателката на скопскиот Кривичен суд, Даниела Димовска.

Обвиненијата се однесуваат на наводни незаконитости при контролите на УЈП и други инспекциски служби. Вината на обвинетите треба да се утврди во судска постапка.