Згрозувачка семејна трагедија го потресе Сараево откако маж со лопата ја усмртил сопствената мајка во нивниот семеен дом. Како што пренесува порталот „Аваз“, по крвавиот напад, осомничениот бил приведен и веднаш префрлен во психијатриска болница.
Според нефицијални информации, односите во семејството биле сериозно нарушени веќе подолг период. Мајката неодамна го избркала синот од куќата, по што тој бил принуден да спие во својот автомобил, а исто така бил во чести конфликти и со својот полубрат.
Осомничениот од порано ѝ бил познат на полицијата
Според извори од истрагата, приведениот маж веќе има дебело полициско досие и претходно одлежувал затворска казна поради пукање со огнено оружје. Исто така, се дознава дека тој подолго време се борел со тешка депресија.
Крвавиот епилог се случил кога тој повторно се вратил во куќата. Засега не се познати сите детали и непосредниот повод што ја предизвикал жестоката расправија која завршила со убиство. Надлежните органи и обвинителството спроведуваат детална истрага, а повеќе детали се очекуваат по официјалните соопштенија од институциите.









