ПРВ.мк
Македонија

СЕ МЕНУВА ВЛАСТА ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ: Петмина кандидати во трка, денеска се дознава кој ќе го наследи Абази!

СЕ МЕНУВА ВЛАСТА ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ: Петмина кандидати во трка, денеска се дознава кој ќе го наследи Абази!

Денеска се избира новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а со изборот завршува мандатот на актуелниот раководител Ислам Абази, кој важи за близок до ДУИ. Изборот се смета за значаен момент за оваа правосудна институција, која има клучна улога во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

За раководната функција се пријавени петмина обвинители: Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, обвинителката во Основното јавно обвинителство Скопје Лидија Раичевиќ, како и Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи од ОЈО ГОКК.

Право на глас имаат 187 јавни обвинители од обвинителствата во земјава. Тие гласаат тајно и непосредно, а изборниот процес се одвива во периодот од 8 до 16 часот. По завршувањето на гласањето, резултатите ќе бидат сумирани на јавна седница, по што треба да стане познато кој ќе ја преземе функцијата шеф на обвинителството надлежно за гонење на организираниот криминал и корупцијата.

Постапката ја спроведува комисија формирана од Советот на јавните обвинители, во чиј состав се Ермон Незири, Кети Петкова и Светлана Стојковиќ.

Кандидатите во своите јавно претставени програми како главни приоритети ги наведуваат зајакнувањето на капацитетите на истражните центри и нивното максимално искористување, поголем фокус на финансиските истраги, како и кадровско доекипирање на обвинителството. Меѓу најавените цели е и унапредување на соработката со другите институции што имаат надлежности во откривањето и санкционирањето кривични дела поврзани со организираниот криминал и корупцијата.

Посебен акцент е ставен и на потребата од поголема независност на ОЈО ГОКК, што е дел од програмските приоритети на пријавените кандидати.

Изборот се спроведува поради истекувањето на мандатот на актуелниот шеф Ислам Абази, кој на функцијата беше избран во октомври 2022 година и во јавноста важи за близок до ДУИ.

Со денешното гласање треба да се одреди кој ќе го води обвинителството во следниот период и ќе биде одговорен за раководењето со истрагите и постапките во едни од најчувствителните случаи од областа на организираниот криминал и корупцијата.