ПРВ.мк
Црна Хроника

(ВИДЕО) ТЕШКА ЖЕЛЕЗНИЧКА НЕСРЕЌА: Се судрија два брзи воза, има многу загинати и повредени!

(ВИДЕО) ТЕШКА ЖЕЛЕЗНИЧКА НЕСРЕЌА: Се судрија два брзи воза, има многу загинати и повредени!

Најмалку 46 лица загинаа во тешка железничка несреќа во Шпанија, во која се судрија два брзи воза. Несреќата се случила утрово на железничката линија што го поврзува Мадрид со Андалузија, а властите стравуваат дека бројот на загинати би можел дополнително да се зголеми. Поради инцидентот, сообраќајот на брзата железница е целосно прекинат, објави „Ројтерс“.

Информацијата за несреќата ја потврди шпанскиот железнички оператор „Адиф“, кој соопшти дека двата воза се судриле на линијата Мадрид-Андалузија.

„Сообраќајот на брзата железничка линија Мадрид-Андалузија е прекинат по судирот на два воза“, објавија Шпанските железници на социјалната мрежа Икс.

Според информациите што ги пренесува шпанскиот весник „Ел Паис“, очевидци пријавиле голем број повредени лица, по што на местото на несреќата биле испратени екипи за итни случаи. Весникот наведува дека два вагона излетале од шините и се стркалале по железничкиот насип.

По тешката несреќа се огласи и шпанскиот премиер Педро Санчез, кој изрази шок поради случувањата во покраината Толедо.

„Шокиран сум од тешката железничка несреќа во Толедо“, напиша Санчез на платформата Икс.

Тој информираше дека е во постојан контакт со министерот за транспорт и со претседателот на автономната заедница Кастиља-Ла Манча. Според него, службите за итни случаи се на терен и работат на помош на настраданите, како и на обезбедување на нивната безбедност, во координација со сите надлежни институции.

Шпанскиот премиер упати и порака на сочувство до загинатите и нивните семејства.

„Упатувам сочувство, солидарност и поддршка до сите жртви и нивните семејства“, порача Санчез.

Поради сериозноста на несреќата, Санчез и други шпански политичари ги откажаа сите планирани јавни активности за денеска. Меѓу откажаните активности е и дел од кампањата за парламентарните избори што треба да се одржат следниот месец.

Несреќата се случила нешто по 9 часот наутро по локално време, на железничката делница меѓу Лос Јебенес и Урда, во покраината Толедо.

Засега не се познати причините и околностите што довеле до судирот на двата брзи воза. Надлежните служби се на терен, а стравувањата се дека конечниот биланс на жртви би можел да биде уште потежок.

ВИДЕО