Утрово околу 09:00 часот, во самиот центар на Велес – пред поранешното кино – се случи сообраќајна несреќа меѓу патнички автомобил и товарно комбе, при што полесно е повреден возач од Велес.
Според очевидци, едно од возилата се обидело да заобиколи велосипедист, но во тој момент дошло до директен судир со друго возило што се движело во спротивна насока.
Возачот се здобил со повреда на главата, откако при ударот го погодило ветробранското стакло. Екипа на Итната медицинска помош му укажала прва помош на лице место и потоа го пренела на хируршкото одделение во велешката болница.
Полицијата изврши увид на местото на несреќата, а сообраќајот во центарот на градот бил блокиран речиси два часа, додека траеле полициските процедури и расчистувањето на патот.
Причините за несреќата сè уште се испитуваат.