Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во септември спроведоа 91 контрола во кујни на градинки и 23 вонредни надзори во училишта ширум државата. Контролите открија сериозни прекршувања на хигиенските стандарди во дел од установите.
Во две градинки било утврдено незадоволително ниво на хигиена во кујните, додека во една градинка вработениот персонал немал спроведено задолжителен здравствен преглед. Како резултат на прекршувањата, на три градинки им се изречени парични казни, а уништени се и 24 килограми несоодветно чувана храна.
Во училиштата, проблеми се забележани во три објекти: една училишна кујна била со незадоволителни услови, а во две се констатирани отстапки од добрата хигиенска и производствена пракса. Дополнително, поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
АХВ информира дека се издадени вкупно 9 решенија со наредби за отстранување на утврдените недоследности, а инспекциските надзори ќе продолжат и во наредниот период.