ПРВ.мк
Свет

Емисиите на јаглерод диоксид од војната во Украина – еднакви на годишните емисии на четири ЕУ земји!

Емисиите на јаглерод диоксид од војната во Украина – еднакви на годишните емисии на четири ЕУ земји!

Војната во Украина, покрај разорните последици врз човечките животи и инфраструктурата, има предизвикано и огромна еколошка штета, со емисии на стакленички гасови споредливи со оние на четири европски држави за една година, објави ДПА.

Според нова студија на Иницијативата за пресметка на стакленички гасови во војна (IGGAW), од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, војната испуштила 237 милиони метрички тони CO₂ еквиваленти – количина што ја надминува годишната емисија на Австрија, Унгарија, Чешка и Словачка заедно.

Околу една третина од овие емисии се резултат на директни борбени активности – тенкови, авиони, артилерија и воена логистика што користат големи количества дизел и керозин.

Дополнителен извор на емисии се масовните пожари во шумски и тревни површини, кои во 2024 година погодиле области повеќе од 20 пати поголеми од годишниот просек за периодот 2006–2021 година. Најголемиот дел од пожарите беснееле долж фронтовите и во граничните подрачја.

Поради интензивните воени дејствија, гаснењето на пожарите било речиси невозможно, што довело до неконтролирано ширење на огнот, дополнително поттикнато од невообичаено сувото лето во 2024 година, кое научниците делумно го припишуваат на климатските промени.

Истражувањето заклучува дека вооружените конфликти и климатските промени се меѓусебно поврзани, со тоа што војните ја влошуваат климатската криза, а екстремните климатски услови дополнително ја комплицираат ситуацијата на теренот.

Escape