Данската премиерка Мете Фредериксен предизвика вистинска бура во јавноста со најавата дека владата планира да воведе забрана за користење на социјални мрежи за деца под 15 години. Таа порача дека општеството мора конечно да се соочи со штетното влијание на технологијата врз најмладите.
„Мобилните телефони и социјалните мрежи им го крадат детството на нашите деца. Ослободивме чудовиште,“ изјави Фредериксен пред парламентот, објаснувајќи дека новата генерација расте под постојан притисок на дигиталниот свет.
Таа посочи дека речиси сите деца во седмо одделение, кои имаат само 13 или 14 години, веќе поседуваат мобилен телефон и секојдневно се изложени на содржини кои можат да влијаат на нивната психа и развој.
„Се надевам дека парламентот ќе помогне да го зајакнеме законот и конечно да ги заштитиме нашите деца,“ додаде премиерката.
Иако засега не се откриени детали како точно би изгледала забраната, Данска стана првата европска земја што јавно најави ваков радикален чекор. Предлогот веќе предизвикува остри реакции – дел од јавноста го поздравува како неопходна мерка за спас на младите, додека други го сметаат за напад врз личната слобода.
Сепак, Фредериксен останува цврста во ставот: „Време е да ги вратиме нашите деца во реалноста – а не на екранот.“