Во Куманово се случи обид за убиство врз д-р Зеќирија Шахини, кој беше снимен од надзорна камера. На видеото се гледа маскирано лице со качулка како се доближува кон автомобилот „Фолксваген Голф“ во кој се возел Шахини и неколкупати пука кон него. Снимката покажува дека напаѓачот бил сам, иако првичните информации од МВР гласеле дека нападот го извршиле двајца.
Д-р Шахини, лекар-пулмолог на скопската Клиника за пулмологија и носител на листата на ДУИ за советот на Општина Липково, бил ранет во ногата. Министерството за здравство потврди дека неговата состојба е стабилна и дека закрепнува.
ДУИ го осуди нападот како „варварски чин на насилство“ и побара веднаш да се пронајде сторителот. Партијата апелира до граѓаните и поддржувачите да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации.
„Во знак на солидарност со повредениот и за да ја нагласиме сериозноста на настанот, нашата партија одлучи да ги прекине сите денешни активности, a институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот“, се наведува во соопштението.
Видео: