ПРВ.мк
Македонија

Нема повеќе исто покачување за сите: Од септември пензиите ќе растат процентуално – еве што се менува

Нема повеќе исто покачување за сите: Од септември пензиите ќе растат процентуално – еве што се менува

По две години во кои пензиите се зголемуваа со фиксен износ за сите пензионери, од септември повторно се враќа процентуалното усогласување согласно законската формула, објави Скопје1.мк.

Тоа значи дека зголемувањето повеќе нема да биде исто во денари за сите, туку ќе зависи од висината на пензијата – колку е повисока пензијата, толку поголем ќе биде износот на покачувањето во денари.

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека септемвриското усогласување ќе биде спроведено според законскиот механизам.

„Тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон“, изјави Мицкоски.

Колкав ќе биде процентот?

Точниот процент на зголемување засега не е познат. Согласно законскиот модел, пензиите се усогласуваат двапати годишно – во март и септември, а при пресметката се земаат предвид движењето на просечната плата и трошоците за живот.

Надлежните институции ги прават потребните пресметки, по што треба да биде соопштен конечниот процент.

Новото зголемување ќе важи за септемвриските пензии, кои ќе бидат исплатени во октомври.

Завршуваат линеарните покачувања

Во изминатите две години пензиите четири пати беа зголемувани со фиксни износи – двапати за по 2.500 денари и двапати за по 1.000 денари.

На тој начин, без разлика на висината на пензијата, пензионерите добија вкупно зголемување од 7.000 денари.

Мицкоски посочи дека враќањето на законската формула е поврзано и со иницијативите пред Уставниот суд за оценување на уставноста на линеарните покачувања.

„За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“, рече премиерот.

Колку точно дополнителни пари ќе добијат пензионерите ќе биде познато откако ќе биде утврден конечниот процент за септемвриското усогласување.