Страшна трагедија го потресе Мадрид, каде што денес се урна зграда во центарот на градот, оставајќи зад себе пустош и паника. Четири лица се водат како исчезнати, меѓу кои и архитектот кој го водел реновирањето, а три лица се повредени, од кои едно потешко.
Зградата, изградена во 1965 година, била во процес на обнова кога ненадејно се срушила околу пладне. Облак од прашина ја покри околината, а сведоци велат дека подовите се уриваа еден по еден за неколку секунди, додека луѓето во паника бегаа по улиците.
Спасувачките екипи веднаш излегоа на терен – 16 пожарникари со кучиња-трагачи и дронови ги пребаруваат урнатините во потрага по исчезнатите. Околни згради беа евакуирани поради опасност од ново уривање.
„Ова нема да биде кратка операција, туку сериозна и долга потрага“, изјави заменик-градоначалничката на Мадрид, Инмакулада Санц.
Според првичните информации, причината за колапсот сè уште не е позната, но властите најавија детална истрага. Овој инцидент повторно ја отвори дебатата за безбедносните стандарди во старите објекти што се реновираат, особено во густо населените делови на градот.
Во меѓувреме, јавноста е потресена од видеото што го прикажува моментот на уривањето — зграда што за неколку секунди се претвори во куп бетон и прашина.
Видео: