Трагичен настан се случил во селото Равен, каде што 60-годишен маж бил пронајден починат на фудбалскиот стадион, а во текот на увидот на местото на настанот тешко се повредил и полициски службеник.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 21 септември во 23:15 часот во ОВР Гостивар, Ј.А. (45) од Равен пријавила дека нејзиниот сопруг А.А. (60) истиот ден околу 7 часот заминал на работа во Гостивар, но не се вратил дома и не одговарал на телефонските повици.
По преземените мерки и активности од страна на полицијата, околу 00:20 часот на 22 септември А.А. бил пронајден починат на фудбалскиот стадион во селото Равен. Во негова непосредна близина била пронајдена и моторна пила.
Смртта на 60-годишниот маж ја констатирал лекар од Ургентниот центар во Гостивар. По тоа, на местото бил извршен увид од јавен обвинител, лекар по судска медицина, увидна екипа од ОВР Гостивар и екипа од Територијалната противпожарна единица Гостивар.
Во текот на службените дејствија, околу 1:50 часот, се случил уште еден инцидент. Полициски службеник паднал во отворена и необележана бетонска шахта, длабока околу 1,5 метри.
Полицаецот при падот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Медицинскиот центар во Гостивар.
Случајот е пријавен и се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои се случил настанот.










