Пет малолетни деца од Велес се итно згрижени во „СОС Детско село“ откако полицијата и социјалните служби утврдиле дека живееле во катастрофални услови, без основни услови за живот и одгледување.
Акцијата уследила по претходна пријава за запуштање и малтретирање дете, по што полициски службеници и претставници од Центарот за социјални работи извршиле увид во семејниот дом. Заради стореното дело, родителите Ѓ.Ш. (33) и С.Ш. (29) се лишени од слобода и со нив бил извршен службен разговор.
По преземените мерки во содејство со инспектор за малолетници, децата најпрво биле однесени на лекарски преглед во Општата болница во Велес за да се утврди нивната здравствена состојба, по што безбедно се префрлени во згрижувачките семејства на „СОС Детско село“.
Од МВР најавуваат дека по целосното расчистување и документирање на случајот, против родителите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.






