Скопјани повторно се соочуваат со сериозен проблем со млади возачи без возачка дозвола, а последните сообраќајни несреќи ги потсетуваат сите на ризиците. Само пред три дена, 16-годишно момче удри пешак, кој претрпе сериозни повреди. Неделата претходно, 18-годишник предизвика смрт на жена пешак, а таткото му помогнал да избегне одговорност, што дополнително ја зголеми загриженоста кај јавноста.
Ланската трагедија со 22-годишна студентка, прегазена од 20-годишен пијан возач без дозвола, дополнително ја истакна сериозноста на проблемот. Се поставува прашањето дали родителите воопшто размислуваат за последиците или нивната грижа за воспитување е второстепена, а приоритет им е само задоволството на своите деца.
Поради ваквите случаи, многумина сметаат дека на потег е полицијата – со зголемено присуство на улиците, строго казнување на младите возачи без дозвола и, ако е потребно, одговорност и за нивните родители.

















