Судот во Свонси слушна вознемирувачки детали за случај во кој очув е обвинет дека смртоносно повредил бебе старо само пет месеци, откако, наводно, бил заслепен од бес по жестока расправија со поранешната партнерка.
Томас Морган (29) се изјасни дека не е виновен за убиството на малиот Џенсен-Ли Дугал, но обвинителството тврди дека токму тој му нанел фатални повреди, тресејќи го детето со огромна сила додека бил во состојба на неконтролиран гнев.
Според судските излагања, претходно во текот на денот Морган разменувал навредливи пораки со поранешната девојка, користејќи понижувачки и навредливи зборови. Обвинителката наведе дека токму таа расправија „му прекиналa некаков прекинувач“ и дека кога останал сам со бебето, не бил психички способен да се грижи за него.
Мајката на детето заминала на работа, оставајќи го Џенсен-Ли во негово присуство. Подоцна добила вознемирувачки повик во кој Морган тврдел дека бебето се гуши и не дише. Со детето во раце, тој истрчал кај сосед, кој започнал реанимација и повикал Брза помош.
Во болница лекарите утврдиле катастрофални повреди на мозокот, скршеници и тешки крварења во очите. Бебето било исклучено од апарати за одржување во живот наредниот ден.
Одбраната тврди дека Морган се обидел да го спаси детето и дека го нашол без свест по кратко отсуство од собата. Обвинителството, пак, инсистира дека станува збор за насилен напад што завршил со трагична смрт.
Судењето продолжува.

















