Државјанка на Македонија денеска била приведена во Улцињ, откако било пријавено дека со автомобил прегазила куче во една од населбите во градот, пренесува РТЦГ.
Според неофицијалните информации, полицијата околу 16 часот добила пријава дека жена со возило усмртила куче кое имало сопственик. Полициските службеници за кратко време го пронашле автомобилот и ја идентификувале возачката, по што таа била спроведена во просториите на полицијата во Улцињ.
Како што се наведува, жената во меѓувреме се обидела да ја напушти Црна Гора, но полицијата ја спречила на граничен премин.
На социјалните мрежи било објавено вознемирувачко видео на кое, наводно, се гледа како автомобил прегазува куче од расата шарпланинец. Зад возилото се забележувало и друго мртво куче.
Според неофицијалните сознанија, второто куче било во сопственост на приведената жена и претходно било нападнато и усмртено од шарпланинецот. Точните околности и мотивот за настанот треба да бидат утврдени во истрагата.
За случајот било известено и надлежното Основно државно обвинителство, кое треба да се произнесе за правната квалификација на делото и понатамошното постапување.
Од невладината организација „Пријатели на животните“ побараа итна и професионална реакција од институциите, како и одговорност согласно Законот за благосостојба и заштита на животните. Оттаму нагласија дека и домашните и странските државјани мора еднакво да одговараат за кривични дела извршени врз животни.







