Страшен случај ја потресе Италија откако 46-годишната Лорена Ишери била убиена во близина на Фиренца, а нејзиниот поранешен партнер, 36-годишниот Федерико Вела, потоа си го одзел животот.
Според италијанските медиуми, драмата започнала во населбата Рифреди во Фиренца, каде Вела наводно ја нападнал поранешната партнерка, по што ѝ ги врзал рацете и нозете и ја ставил во багажникот на нејзиниот автомобил.
Лорена подоцна дошла при свест и, иако била врзана, успеала да стигне до мобилниот телефон кој се наоѓал во нејзиниот ранец. Најпрво се обидела да ја повика мајка си, а потоа и пријател, но врските биле прекинати.
На крајот успеала да се јави на итниот број 112. На полицијата ѝ кажала која е, кој наводно ја нападнал и ги соопштила регистарските таблички на автомобилот. Разговорот, според објавените информации, траел околу 20 минути.
Полицијата го лоцирала телефонот и преку надзорните камери го забележала автомобилот на автопатот А1. Патролите веднаш биле испратени кон локацијата.
Во меѓувреме, автомобилот запрел на работ од надвозник во близина на Барберино ди Муџело. Според реконструкцијата на настанот објавена од италијанските медиуми, Вела го отворил багажникот и забележал дека Лорена држи телефон и комуницира со полицијата.
Набргу потоа автомобилот, во кој Лорена сè уште била во багажникот, бил турнат од надвозник висок околу 40 метри.
Полицајците пристигнале на местото и го затекнале Вела. Според медиумските извештаи, непосредно пред и самиот да скокне во бездната, тој дал кратки изјави за нивната врска и ја обвинил поранешната партнерка дека го изневерила.
Итната помош пристигнала на местото, но лекарите можеле само да ја констатираат смртта на двајцата.
Според првичните полициски информации пренесени од италијанските медиуми, Лорена претходно немала пријавено насилство од поранешниот партнер. Истрагата треба целосно да ги утврди околностите што довеле до трагедијата.










