Филмската индустрија остана потресена по веста за смртта на актерот Џејмс Хенди, познат по своите улоги во филмовите „Џуманџи“, „Логан“ и „Топ Ган: Маверик“, кој починал по напад во својот дом во Лос Анџелес. За случајот е приведен 44-годишниот Мајкл Гледхил, син на партнерката на актерот, кој се смета за главен осомничен.
Хенди, кој имаше долга кариера со повеќе од сто филмски и телевизиски улоги, бил пронајден со тешка убодна повреда во пределот на градите во дворот од неговиот дом во населбата Тарзана. Иако бил итно пренесен во болница, лекарите не успеале да му го спасат животот.
Дополнителна загриженост кај истражителите предизвикал повикот што наводно бил упатен до полицијата непосредно пред пристигнувањето на службите. Според американските медиуми, маж кој се јавил признал дека убил човек, што веднаш активирало итна реакција на полицијата.
Кога пристигнале на местото, полицајците го затекнале актерот во критична состојба, додека осомничениот подоцна самиот им пристапил и им кажал дека тие го бараат токму него.
Мотивот за нападот сè уште не е официјално утврден. Соседи изјавиле дека претходно слушнале расправија, додека дел од сведоците тврдат дека осомничениот подолго време имал проблеми со однесувањето и заблуди.
Џејмс Хенди ја започнал својата кариера во 1970-тите и со децении беше едно од препознатливите лица на филмската и телевизиската сцена. Иако ретко беше во главните улоги, публиката го памети по бројни споредни ликови кои оставија силен впечаток.
Освен по улогите во големите филмски продукции, актерот беше дел и од популарни серии како „NYPD Blue“, „Alias“, „Profiler“, „The West Wing“, „Castle“ и „The X-Files“.
По објавувањето на веста за неговата смрт, бројни колеги и обожаватели се простија од актерот на социјалните мрежи, истакнувајќи дека станува збор за лице кое многумина го препознавале од екранот, дури и кога не го знаеле неговото име.
Истрагата за случајот продолжува, додека филмската заедница се збогува со актер кој зад себе остави кариера долга речиси пет децении.










