Нов случај поврзан со незаконско посредување при посвојување и можна трговија со бебиња повторно ја отвори дебатата за функционирањето на системот, откако во новата истрага повторно се појавуваат истите иницијали од случај што веќе беше предмет на постапка минатата година.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, шест лица се осомничени за организирање шема преку која биле пронаоѓани брачни парови кои сакале деца, но и бремени жени во тешка социјална и финансиска состојба, кои биле убедувани да се откажат од своите новороденчиња во замена за пари и други форми на помош.
Во центарот на случајот повторно се најдоа иницијалите Ф. А. и Ѓ. К., при што според истрагата една од осомничените ја користела својата позиција како згрижувачка на деца за воспоставување контакти со заинтересирани семејства, додека другата, според наводите, посредувала во пронаоѓање мајки подготвени да се откажат од новороденчињата.
Од полицијата наведуваат дека едно новороденче било предадено по договор со родители кои биле убедени дека за возврат ќе добијат финансиска помош од 500 евра и покриени медицински трошоци. По излегувањето од болница, мајката и бебето биле преземени и однесени во дом каде што веќе чекал брачен пар кој подоцна го зел новороденчето.
Според истрагата, подоцна бил склучен и договор за заем во висина од 500 евра, а истата сума, според МВР, била исплатена како надомест поврзан со предавањето на бебето.
На сите осомничени им е определен домашен притвор. Од Кривичниот суд појаснуваат дека судијата на претходна постапка не можел да изрече построга мерка од онаа што ја побарало обвинителството.
Дополнителна тежина на случајот дава фактот што Министерството за труд и социјална политика потврди дека уште во февруари и март минатата година водело постапка за лице со истите иницијали, кое тогаш имало статус на згрижувачко семејство. По спроведен надзор, статусот бил одземен, а децата биле прераспределени во други семејства.
Сличностите со случајот од март 2025 година се значителни. И тогаш истите иницијали биле дел од истрага за наводна трговија со дете, при што бремена жена во тешка финансиска состојба добивала финансиска помош и медицински услуги, по што новороденчето било предадено на други лица.
Новата истрага повторно отвора прашања дали системот навремено препознава ризици, колку е ефикасна контролата врз згрижувачките семејства и дали постоеле механизми што можеле порано да спречат евентуално повторување на слични случаи.








