Нови ограничувања за патници од Македонија при влез во Хрватска
Од 1 јуни се применуваат построги правила за патниците кои влегуваат во Хрватска од земји надвор од Европската Унија, меѓу кои е и Македонија. Иако мерките најмногу ги засегаат трговците и превозниците, тие важат и за секој патник на граница.
Колку пари смеете да внесете без да платите царина
За личен багаж важат различни лимити за ослободување од царина и ДДВ:
- До 430 евра за патници кои патуваат со авион или брод
- До 300 евра за патници кои патуваат по копнен или железнички сообраќај
- До 150 евра за лица помлади од 15 години
Сè што ја надминува оваа вредност може да подлежи на дополнителни проверки и царински обврски.
Ограничувања за цигари, алкохол и храна
Патниците можат да внесат ограничени количини тутун и алкохол без дополнителни давачки:
- До 40 цигари или соодветна количина други тутунски производи
- 1 литар жесток алкохол (над 22%)
- 4 литри вино
- 16 литри пиво
Овие правила не важат за лица под 17 години.
Строга контрола на храната
Забрането е внесување месо, млеко и производи од нив. Дозволени се ограничени количини:
- До 20 килограми риба по лице
- До 2 килограми мед, јајца и други производи од животинско потекло
- Храна за бебиња, медицинска и специјална храна – само под одредени услови
Леб, чоколади, тестенини и слични производи за лична употреба се дозволени доколку ги исполнуваат пропишаните услови.
Предупредување од властите
Хрватските царински служби предупредуваат дека непријавените или недозволени производи може да бидат одземени и уништени, а патниците може да се соочат и со парични казни доколку ги прекршат правилата.








