Фудбалскиот клуб Вардар продолжува со засилувањата за новата сезона, а најново име во редовите на „црвено-црните“ е младиот голман Даниел Диковски.
Деветнаесетгодишниот велешанец потпиша тригодишен договор со најтрофејниот македонски клуб и ќе биде дел од реконструкцијата на голманската линија.
Диковски пристигнува од Брера Струмица, каде што минатата сезона забележа 14 настапи во сениорска конкуренција и на четири натпревари ја сочува својата мрежа недопрена. Тој е производ на школата на Македонија Ѓорче Петров и има настапи за младинската репрезентација на Македонија до 19 години. Со неговото доаѓање, Вардар добива уште еден перспективен чувар на мрежата.









