Зоолошката градина во Скопје доби нови жители кои веднаш предизвикаа внимание и воодушевување. Од ЗОО Скопје објавија дека кај белите волци пристигнал подмладок – две мали волчиња кои веќе ја будат љубопитноста кај вработените и посетителите.
Според информациите од Зоолошката, малечките сè уште најголем дел од времето го поминуваат покрај својата мајка, која внимателно се грижи за нив и ги чува додека растат во безбедна средина.
Од ЗОО Скопје објаснуваат дека однесувањето на волчињата е сосема природно, бидејќи тие најчесто се кријат во дупки и засолништа, исто како што би правеле и во дивината. Во првите денови од животот остануваат скриени и заштитени, а само повремено излегуваат надвор за кратко да ја истражат околината.
Фотографиите кои беа објавени се направени токму во такви ретки моменти – кога малите волчиња љубопитно излегуваат од засолништата, го разгледуваат просторот околу себе и повторно се враќаат во близина на мајката.








