ПРВ.мк
Балкан

АЛБАНИЈА ГОРИ: Илјадници луѓе на улиците, Еди Рама не попушта, бесните граѓани бараат СТОП за проектот од 1,6 милијарди долари!

АЛБАНИЈА ГОРИ: Илјадници луѓе на улиците, Еди Рама не попушта, бесните граѓани бараат СТОП за проектот од 1,6 милијарди долари!

Протестите против изградбата на луксузниот туристички комплекс на инвеститорот и зет на американскиот претседател Доналд Трамп – Џаред Кушнер, продолжуваат да растат ширум Албанија, додека еколошките организации предупредуваат на сериозна закана за едно од највредните природни подрачја на Медитеранот.

Илјадници демонстранти излегоа во средата, трет ден по ред, на улиците на Тирана, барајќи обуставување на проектот вреден 1,6 милијарди долари, кој се планира на подрачјето на островот Сазан и блиските заштитени крајбрежни зони. Протестите во наредните денови би требало да се прошират и на југот на земјата.

Кон крајот на мај беа организирани протести на граѓаните и еколошките невладини организации против овој проект, поради што инвеститорите поставија високи огради со бодликава жица на врвот на предвидената локација во Звернец, на југот на Албанија, со што на локалното население и на туристите им е оневозможен пристапот до плажата.

Еколошките организации тврдат кај проектот од самиот почеток имало недостиг на транспарентност, како и дека јавноста немала увид во клучната документација, ниту пак можност да учествува во јавните консултации.

„Од почетокот до крајот постоеше целосен недостиг на транспарентност. Не видовме јавни расправи ниту документација која би го оправдала издавањето на дозволите“, изјави извршниот директор на организацијата Заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA), Александар Трајче.

Спор околу еден од најчувствителните екосистеми на Медитеранот

Планираниот комплекс го опфаќа подрачјето на островот Сазан, единствениот албански остров, како и околните мочуришта, лагуни и крајбрежни живеалишта во рамките на заштитениот морски национален парк.

Експертите предупредуваат дека се работи за регион со исклучителна биолошка разновидност. Ова подрачје претставува едно од последните засолништа на загрозената медитеранска медицинска фока (калуѓерка), додека во него живеат повеќе од 200 видови птици, вклучувајќи фламинга и далматински пеликани.

Дополнителна загриженост предизвикаа извештаите дека работниците почнале да поставуваат бетонски огради со бодликава жица, додека тешката механизација веќе отстранила делови од песочните дини и медитеранските борови шуми за да се изградат пристапни патишта.

Според тврдењата на локалните жители, на одредени сопственици на земјиште привремено им е оневозможен пристапот до нивните имоти.

„Ова веќе не е само прашање на заштита на животната средина. Стана прашање на граѓански права и односот на државата кон локалното население“, оцени Трајче.

Рама ја отфрла можноста за запирање на инвестицијата

Албанскиот премиер Еди Рама ги отфрла обвинувањата дека проектот ќе ги загрози природните богатства на Албанија и инсистира дека инвестицијата ќе донесе нови работни места, развој на инфраструктурата и дополнителен прилив на странски капитал.

Рама им понуди разговор на демонстрантите во обид да ги смири тензиите, но истовремено јасно порача дека нема да дозволи запирање на проектот.

„Не постои апсолутно никаква шанса инвестицијата да биде запрена додека сум јас тука“, рече албанскиот премиер.

Тој дополнително нагласи дека Албанија мора да остане отворена за странски инвеститори и предупреди дека земјата не смее да стекне репутација на држава која капиталот го пречекува непријателски.

Вклучени Кушнер и Иванка Трамп

Контроверзите дополнително се засилија откако годинава ќерката на американскиот претседател, Иванка Трамп, ја посети Албанија заедно со тим архитекти за да ја обиколи локацијата предвидена за развој на проектот.

Инвестицијата ја предводи компанијата „Affinity Partners“, инвестициски фонд на Џаред Кушнер, додека проектот на терен го реализира компанијата „Sazan Real Estate Development LLC“.

Претставниците на инвеститорот ги отфрлаат критиките и тврдат дека развојот ќе биде спроведен со почитување на еколошките стандарди и интересите на локалната заедница.

„Нашиот фокус останува на одговорното управување, унапредувањето на животната средина, отворањето нови работни места и создавањето долгорочна вредност за локалните заедници“, соопшти компанијата.

Покрената истрага поради спорните законски измени

Дополнителен притисок врз владата создаде одлуката на албанското Специјално обвинителство за борба против корупцијата, познато како СПАК (SPAK), да покрене истрага за контроверзните измени на законот за заштитени подрачја усвоени во 2024 година.

Противниците на проектот сметаат дека токму тие измени ја отворија вратата за комерцијален развој на подрачјата кои претходно беа под строга заштита на државата.

Контроверзата околу проектот на Кушнер доаѓа во момент кога Албанија бележи силен раст на туризмот. Земјата, која со децении беше изолирана за време на комунистичкото владеење, последните години привлекува сè повеќе посетители благодарение на недопрената природа и пристапните цени.

Додека поддржувачите на проектот тврдат дека привлекувањето луксузни инвестиции е неопходно за да се избегнат проблемите од масовниот туризам, противниците сметаат дека случајот го симболизира поширокото незадоволство од начинот на кој власта ги носи клучните одлуки.

„Бесот на граѓаните не е првенствено насочен против Џаред Кушнер или Иванка Трамп. Луѓето се огорчени на владата и на начинот на кој беше воден целиот процес“, заклучи Трајче.

Демонстрантите во Тирана исто така побараа оставка од Еди Рама, со извици „Албанија не е на продажба“.

Најнови вести